Новиот Заев им покажа заби на криминалците

Најновото скандализирање на јавноста поради вокабуларот на Зоран Заев не може да биде подобра илустрација за тоа како се заменуваат тезите и вниманието се (пре)насочува подалеку од суштината. Несреќниот избор на зборови и квалификации на премиерот се сигурно важна тема и покажуваат дека на сите им е потребна едукација, без оглед на нивната позиција во општеството и системот. Особено важно е да се знае дека не е доволно да се извините, пред да кажете нешто, за тоа да не биде сфатено како навредлив или дискриминирачки говор. Тоа не важи само за Заев, туку за секој што се појавува на јавната сцена. Но, интересна е селективноста на окото на јавноста и леснотијата со која криминалците успеваат да ја задржат доминацијата во јавниот дискурс.

Навистина, Премиерот експресно се извини за проблематичниот избор на зборови. Во своето извинување, тој уште еднаш ја потврди својата јасна определба дека и понатаму ќе се бори за правата на ЛГБТИ заедниците. Потврдата не е само вербална, туку доаѓа по низа конкретни чекори на поддршка на ЛГБТИ правата и не само на тие права, во едно општество кое режимот го подели и „испарцелизира“, а системот го искористи за да ги задои луѓето со безумна омраза по сите основи. Без оглед на политичката цена, видовме безброј гестови и постапки што докажуваат дека цел еден премиер навистина има намера да изгради едно општество за сите, што е реткост, да не кажеме позитивен исклучок во целиот балкански регион. Што е тоа, ако не добра вест?

Може да се каже дека и во самото извинување се гледа простор за продлабочена едукација и сензибилизирање. Но, кој тоа таму се скандализира и брани некои права? Освен оние од кои може и треба да се очекува реакција, луѓе со кредибилитет и посветеност, на хајката се „залепи“, повторно успешно, целата агитпроп машинерија на криминалната Фамилија. Онаа, поврзана и финансирана од антидемократските центри на моќта и во земјата и надвор од неа…

Да му се згади на човека! Сите, одненадеж разбудени бранители на „геј правата“, довчерашни и сегашни насилници, арамии, фашисти и слуги на диктаторчето, сигурно не знаат ни за што зборуваат, а не ги ни интересира што е тоа што допрва треба да се учи за човековите права и слободи на одделни заедници или сите заедно. Не ги интересира, затоа што токму тие се борци против човековите права и слободи! Тоа е јасно, потврдено и се докажува секој ден, по стотици пати, со секоја содржина што добива било каков облик на јавност.

Наспроти максималната контаминација на јавниот дискурс со невидени нивоа и количини на омраза, деструкција и насилништво, од прогресивната јавност се очекува поинаков говор. Не без острина, но поинаков. Во таа смисла, мора да се признае, откако падна режимот, го гледаме тој нов курс во јавноста повеќе од кога и да е. Но, никогаш не е доволно добро и доволно гласно, секогаш може повеќе и подобро.
Не е доволно самиот говор да биде политички коректен, туку да се научи зошто и како се дошло до него. Уште поважно, политичката коректност мора да произлегува од вистински инклузивни и прогресивни определби и стратегии, разработени до најситните суптилитети. Ако општеството не го научи тоа и ако тој пристап не се институционализира, постигнувањата се минимални, а изгледите општеството повторно да потоне се максимални.

Донекаде е и бенигно, ако некому му се испушти некој „послободен“ израз. Се разбира, ни оддалеку не е неважно, но суштината е многу подлабока отколку еден спорадичен гаф, па нека е и од премиер. Суштината е во вистинските, реалните, конкретните определби и пракса.

Како хиени, ботовите на Фамилијата, успешно се претопија во масата на сите што, од најразлични (и оправдани и неоправдани) причини, се лути на премиерот и на владата, па се нафрлија на една порака, наоѓајќи ѝ слаба точка во еден несреќно формулиран израз. Изразите „педер“ (со претходно извинување) и „суетен новинар“ за момент ја замаглија пораката.
Сепак… Зад таа порака, конечно, се гледа една цврста одлучност на премиерот да се пресмета со криминалот. Ако ги тргнеме на страна изразите, што останува? Што беше пораката?

Зоран Заев, премиерот, нема да дозволи криминалците да ја урнат Владата. Тоа е добра вест за општеството, добра вест за државата, а лоша вест… за криминалците!
Добро е да се постави прашањето, зошто да им се помага на криминалците, само затоа што владата (не) исполнила некое ветување. Ако премиерот греши, нелогично е да биде каменуван со камењата на криминалците. Сега, кога демократијата, каква-таква, се врати, може да се најдат милион начини да се побара исправка на грешките, а конечно, ако постои подобра опција, таа и да се изгласа кога ќе дојде време за тоа. Нема логика во тоа да се истапка патот за враќање на криминалците на власт, затоа што премиерот не успеал во нешто. Секој е во потрага по подобар живот, а не кон полош.

Иако станаа доминантни насекаде во медиумите и политиката, време е криминалот и нивните медиумски продукти да бидат осудени не само од јавноста, туку и санкционирани од институциите.

Ова е новиот Зоран Заев. Оној што го знаеме како попустлив, атерџија, помирлив до бескрај, изгледа дека си замина. Ова е извонредна можност, да се види премиерот во борбен, напаѓачки став. Заев ги покажа забите. Во клучен момент, на самиот праг, пред ерупција на криза што ќе ја предизвикаат токму криминалците за да се извлечат.

Следниот чекор на премиерот се очекува да биде, не да почне да ги каса, туку да ги растргне криминалците. Пердуви да летаат! Се разбира, фигуративно говорејќи. Или „нежните“ спинери и во ова ќе најдат говор на омраза. Повеќе од една деценија, криминалците го тероризираат општеството, непречено владееја и се богатеа. Сега, преку своите ботови, всушност, покажуваат дека се извонредно „сензибилни“ кога се работи за нивната кожа и џебот.

Илустративно во оваа ситуација е што ЗНМ и МАН уште еднаш, како и премногу често во последно време, се најдоа на иста линија. Навистина, високо проблематична е квалификацијата „суетен новинар“ и за неа има простор да се критикува, но неприфатлива е селективноста на ЗНМ во избор на теми и ситуации на кои реагираат. Лажни вести и дезинформации, говор на омраза со повици за линч и закани со убиство, поттикнување на етнички и политички мотивирано насилство има секој ден, секоја минута во медиумите и на социјалните мрежи. Реакцијата изостанува или се покренува само тогаш кога тоа не можат да го избегнат.
Сѐ на се, без оглед на тоа кој како ќе го сфати ова, ова во ниеден случај не е одбрана за лошиот избор на зборови на премиерот, бидејќи за тоа нема оправдување. Тоа што е важно во овој случај е одлучноста за борба против криминалот. Во таа борба, премиерот не смее да потфрли, а институциите и јавноста не можат да си го дозволат луксузот да го остават сам.

Што се однесува до суштинските критики, во изјавата по повод 18-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор има и други пораки и информации што мора да бидат длабоко преиспитани. Ова се однесува на уште еден компромис, со кој на ДУИ му се дава цело едно, гланц ново, министерство за политички систем и односи со заедниците што треба да биде стожер на Стратегијата Едно општество за сите. Но, за тоа во следните „рафали“.

Сега, најважно е да видиме резултати од битката со криминалците. Без одложувања и компромиси. Криминалот мора да падне, додека цената за тоа не стане превисока.

SHARE