Поднесено е обвинение за Тони Јакимовски за проневера на 800 000 евра

Обвинителството за организиран криминал поднесе обвинение против  Тони Јакимовски екс шеф на Кабинет на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, Петре Пешовски, Стево Маџовски и Кристина Јосифовска – вработени во УБК за злоупотреба на службената должност и едно лице е обвинето за помагање во извршувањето на истото кривично дело.
Тие во временскиот период од 25.01.2007 година до 30.05.2017 година, постапиле спротивно на чл.7 ст.1 и чл.12 од „Упатството за користење на средства за посебна намена на УБК“.

Во наведениот временски период, во вкупно 172 наврати од касата за исплата на средства за посебни намени на УБК, од Одделот за финансии при Министерството за внатрешни работи, подигале пари за кои поднесувале барања и стални признаници за износите што ги подигнувале.

Притоа, без да имаат посебно одобрение од Директорот на Управата, без да биде формирана Комисија за ништење на материјална документација и без записници, ги уништиле евиденциите за потрошените средства заедно со документацијата за исплата – „Главните книги за евиденција“.

Со ваквите дејствија предизвикале штета на Буџетот на државата во вкупен износ од 50.670.000,00 денари.

Поради постоење на основано сомневање дека доколку обвинетите се пуштат да се бранат од слобода може да се дадат во бегство, односно нема да бидат достапни на органите на прогон, особено ако се земе предвид кривичното дело што им се става на товар, надлежниот обвинител заедно со обвинителниот акт, достави и Посебен предлог мерката притвор определена од судија на претходна постапка да се продолжи против тројца обвинети.

Извор: novatv.mk

SHARE