Вангеловски до Антикорупциска: Судиите не подлегнуваат на било какви надворешни притисоци!

Откако вчера Државната комисија за спречување на корупцијата испрати допис до Врховниот суд, со кој предупредува дека врховните судии не треба да учествуваат на општата седница на која ќе се расправа кој закон за судови да важи за евентуалното нивно разрешување, со реакција се обрати и Врховниот суд.

„Во врска со известувањето објавено од Државната комисија за спречување на корупцијата на 10 јули 2019 година, ја известуваме јавноста дека Врховниот суд на Република Северна Македонија постапува согласно уставните и законските надлежности, применувајќи ги притоа Уставот на Република Северна Македонија, законите, меѓународните ратификувани договори, како и праксата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Судиите на Врховниот суд на Република Северна Македонија согласно Уставот се самостојни и независни во своето одлучување и при вршење на задачите од својата надлежност пред се оценуваат дали има законски пречки да постапуваат во конкретен предмет. Притоа, судиите се раководат од законски предвидените основи за изземање, вклучително и субјективниот тест, односно дали судијата смета дека постојат околности кои предизвикуваат сомневање во неговата непристрасност.

Во досегашната пракса судиите кои постапуваат по конкретни предмети, секогаш се изземале во постапки во кои постоеле причини за изземање, вклучително и во постапки по предмети за кои се одлучувало на Општа седница, при што не подлегнуваат на било какви надворешни притисоци.

Само за илустрација, во текот на минатата година се донесени вкупно 150 решенија за изземање на судии, од кои 146 се донесени врз основа на барање на судија. Таквата пракса ќе продолжи и во иднина, независно од надворешни влијанија, затоа што судиите се самостојни и независни во носењето на судски одлуки“, се наведува во соопштението на Врховниот суд.

Извор: fokus.mk

Македонски Весник на Фејсбук

Жесток критичар на власта и опозицијата!

SHARE